• Симеончо Стоиков
Хрватскиот шампион Цедевита очигледно не се шегува, ако се земе фактот што денес го доведе и второтo свое засилување од НБА лигата, а петто во овој преоден период и тоа повторно од тимот на Сакраменто, ангажирајќи го Дује Дукан.
Станува збор за кошаркар висок 203 сантиметри кој игра на позициите крилен центар и крило. Минатата сезона преку настапите во летната лига се избори за потпис со тимот на Сакраменто Кингс во НБА лигата, каде што не успеа да се избор за место и беше пратен во развојната НБДЛ лига, во тимот на Рено Бигхорнс. Дукан сепак на крајот од НБА сезоната дебитираше за Сакраменто, во последниот дуел против Хјустон кој славеше со 116-81, а Дује даде шест поени, четири скока и една асистеција.
Дукан е второ засилување за Цедевита од НБА лигата, и тоа интересно повторно од Сакраменто, тим од каде беше ангажиран Дејвид Стоктон, син на легнендарниот Џон Стоктон. Исто така и Дује Дукан е син на поранешна легенда, Ивица Дукан, кој беше дел од златната генерација на Југопласика Сплит, а подоцна и Чикаго Булс во НБА лигата.


