Цедевита го комплетира ростерот, потпиша и Шпанецот Агилар

Хрватскиот првак Цедевита Загреб сериозно се засили ова лето и досега ангажираше девет нови кошаркари. По Домагој Бошњак, Тајлер Вајдман, Елгин Кук, Витор Бените, Џош Магет, Џастин Кобс, Аугусто Лима и Џејмс Бел, во Загреб дојде и Пабло Агилар.

Шпанскиот центар има 29 години и во хрватската престолнина доаѓа од шпанската Ендеса лига. Ова за него ќе биде прво интернационално искуство, а со Цедевита освен во АБА лига, ќе игра и во Еврокупот.

Минатата сезона настапуваше за Гран Канарија, а во минатото ги носеше дресовите на Реал Мадрид, Гранада, Сарагоса и Валенсија. Цедевита во следната сезона ќе биде предводена од шпанскиот тренер Сито Алонсо, кој донесе свој сонародник во тимот.