• Горан Упале

Екипата на Црвена Звезда нема план да застане и забележа уште една голема победа во Евролигата. По славјето во вечното дерби со Партизан, а потоа и против Асвел, „црвено-белите“ со триумф се враќаат и од гостувањето во Берлин, каде со 71-77 го совладаа составот на Алба.
Во германската престолнина Црвена Звезда и Алба водеа голема и неизвесна битка, во која за нијанса поуспешни беа кошаркарите од Белград, кои со оваа победа се искачија на четвртата позиција на табелата. Петрушев со 17 и Кенан со 11 поени беа лидери кај Црвена Звезда, додека за поразениот тим Дејвид Мекормак постигна 18 поени.
Возбудливо беше и Каунас каде Олимпија Милано извојува победа над Жалгирис од 87-89. Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ полека влегува во ритам по враќањето од повредата и вечерва за нешто помалку од 15 минути имаше скор од четири поени, три скока и пет асистенции.
Кошаркарите на Реал Мадрид го одиграа еден од најслабите шутерски натпревари оваа сезона и запишаа нов пораз во Евролигата. Подобар од разнишаните „кралеви“ беше турскиот гигант Фенербахче, кој пред својата публика славеше убедлив триумф од 78-67. За Реал Мадрид ова беше втор пораз во низа и втор од турски претставник, откако во претходното коло беше надигран од Ефес. Во победничкиот тим прво име беше Нејс со 20 поени, а за шпанскиот гигант единствена светла точка беше Кампацо со 11 поени.