Ц. Звезда прокоцка „плус десет“ со Баерн, Химки го шокира Реал Мадрид

Белградска Црвена Звезда продолжи со стариот тренд. Иако водеше со десет поени против Баерн Минхен, сепак, доживеа пораз (76-78) во рамки на 27. рунда од кошаркарската Евролига.

„Црвено-белите“ редат порази во европската елита, а половина од нив се стекнати откако е прокоцкана сигурна предност. Така беше и овој пат против Баерн Минхен на Тринкиери, кој до полн плен дојде во последниот период.

Балдвин со 27 поени беше одличен кај „баварците“, а на српскиот првак не му помогна одличната партија на Лојд со 26 поени и Валден со 15 поени.

Отпишаниот Химки направи голем подвиг и на домашен терен го совлада Реал Мадрид (78-77). Иако важи за најлошиот тим во Евролигата, сепак, московскиот претставник се надмина и ги кутна „кралевите“. Мекалум и Швед со по 22 поени, пред Мики со 19, беа први стрелци кај Химки, додека кај шпанскиот тим Керол заврши со 15 поени.

ЦСКА Москва извојува тешка победа во Израел кај Макаби Тел Авив (80-84), Московјани водеа сигурно и двоцифрено, ама домашниот тим се врати, дојде на два поени негатива пред самиот финиш (80-82) и приреди драма, но не успеа до подвиг. Клибурн со 21 поен беше прв стрелец кај ЦСКА, пред Дорси од Макаби кој заврши со 20 поени.

До полн плен дојде Барселона на гости кај Панатинаикос (77-85). Миротиќ беше лидер кај победникот со 25 поени, пред Хигинс со 16, а кај ПАО, новајлијата Хезоња имаше извонреден меч со 21 поен.

Анадолу Ефес како голем фаворит беше немилосрден против Валенсија (99-83). Санли со 20, пред Беабу со 19 поени и Мициќ со 16 поени беше лидер на поентерската листа кај Ефес, додека кај „лилјаците“ од Шпанија, Црногорецот Дубљевиќ реализира 15 поени.

Зенит на домашен терен со многу потешкотии ја совлада германска Алба (87-71). Последната четвртина која домашниот тим ја доби со 19-4 беше клучна за победата. Пангос со 19 и Вил со 15 поени беа најдобри кај тимот од Санкт Петербург, додека кај гостинот Сикма запиша 18 поени.

Жалгирис со десет поени разлика славеше против Лион (85-75), воден од одличниот Григонис (21 поен), пред Ловерњ со 18 поени. Во францускиот табор, Јабусел имаше 17 поени.