Ц. Звезда и Монако имаат барем плеј-ин, Жалгирис слави во Белград

Кошаркарите на Црвена Звезда забележаа многу важна победа на гостувањето кај Асвел (93-106) и на коло пред крајот си осигураа барем плеј-ин во Евролигата. Српскиот тим останува во игра и за директно место во плеј-офот, ама мора да му се поклопат други резултати во завршната рунда.

Круцијален триумф забележа Жалгирис кој му гостуваше на Партизан и со 74-83 ги освои бодовите. Овој резултат остана во сенка на простувањето на „црно-белите“ од Душко Вујошевиќ, бидејќи пред мечот имаше цел сегмент посветен на починиот легендарен тренер. Токму Жалгирис е шестопласиран и има сè во свои раце да си обезбеди место во плеј-офот.

<<< - ПОВРЗАНО - Емоции и многу солзи во Белград: Партизан и навивачите се простија од Вујошевиќ (ВИДЕО)

Монако исто така избори барем плеј-ин, откако го доби дербито со Барселона со 93-86. Тимот од кнежевството е еден од трите со скор 21-16, додека Барселона го држи последното место кое води во доигрувањето со 20-17. Во завршното коло каталонскиот гигант игра дома со Баерн во натпревар во кој нема право на кикс. 

На останатите терени Басконија слави кај Виртус во Болоња (72-82), а Анадолу Ефес му нанесе тежок удар на Дубаи (68-85) кој се бори за доигрувањето.