ВИДЕО: Ц. Звезда и без Антиќ се справи со Морнар и закажа АБА финале со Будуќност

Во „мајсторката“ од полуфиналето на АБА лигата, Црвена Звезда на домашен терен славеше лесна победа против Морнар со 88-69, и се пласира во големото финале, каде ќе ја брани титулата против тимот на Будуќност. На денешниот натпревар поради повреда во тимот на Алимпијевиќ не настапи нашиот Перо Антиќ.

„Црвено-белите“ од почетокот на натпреварот покажаа дека победата е единствена опција за нив на денешниот натпревар. Тимот од Црна Гора освен почетното израмнување (3-3) и првото водство (14-15), во продолжение беше немоќен. Белграѓани константно ја зголемуваа својата предност и по +7 (26-19), по првата четвртина, со нова серија од 10-2 пред крајот на вториот период, на полувреме заминаа со висока предност од +15 (52-37).

На стартот на третата четвртина, Морнар подобро отвори и со добра игра во одбраната успеа да стигне до само -2 (58-56). Серијата на гостинските кошаркари со тројка ја прекина Рочести, а до крајот на периодот домаќините носени од своите навивачи и феноменалниот Американец се одлепија повторно на комотни +12 (68-56). Последните десет минути беа само рутина за Црвена Звезда и на крајот славеше сосема заслужена победа од 88-69.

Најефикасен кај победничкиот тим беше Добриќ со 19 поени, а Рочести настпреварот го заврши со 18 коша, но беше клучен играч во моментите кога Морнар опасно се приближи. Кај Морнар поранешниот член на Куманово, Врањеш со 21 поени беше повторно најдобар поединец.