ВИДЕО: Бутел совладан во „мајсторката“, Струмица „гореше“ по враќањето во елитата!

Кошаркарска Струмица по подолго време ќе гледа елитна кошарка следната сезона. Струмичани го добија клучниот дуел против Бутел и обезбедија промоција во Суперлигата. Во прекрасна атмосфера во салата „Никола Карев“ домашните кошаркари со 81-76 славеа во „мајсторката“ со скопскиот ривал и на тој начин се вратија во елитното натпреварување. 

По израмнетите два натпревари од финалната серија, јасно беше дека и вечерва ќе биде неизвесно до самиот крај, а домашните кошаркари посакуваниот триумф го обезбедија во самиот финиш, во кој покажаа смиреност и квалитет и носени од големата поддршка од трибините успеаја да го скршат отпорот на бутелци.

По историскиот триумф, следуваше лудо славје, кое продолжи надвор од салата, каде популарните „Ајдуци“ со факели и песни им честитаа на своите миленици за големиот успех.  

Димитар Пандев е најзауслужниот што Струмица се стекна со суперлигашка промоција. Кога беше најпотребно во оваа „мајсторка“ реализираше 30.поени со кои го предводеше струмичкиот тим до крајната цел. Му помогнаа Александровски, кој постигна 17.поени и Јовановиќ кој запре на 11. реализации.

Во гостинската екипа, капитенот Мартиноски даде 15.поени, Андоновски имаше 12, а искусниот Јанески ја заврши сезоната со десет реализирани поени.