ВИДЕО: Будуќност во финишот потклекна во Израел, ПАО сигурен против Баерн

Кошаркарите на Будуќност под водство на Јасмин Репеша одиграа извонреден натпревар во Израел, но потклекнаа во последните пет минути и на крајот беа поразени од Макаби со 81-76 (34-37).

Подгоричани одлично започнаа и уште во првата четвртина стигнаа до +10 (8-18), за да во продолжение израелските кошаркари одиграа далеку поорганизирано и уште до одморот намалат на -3 (34-37). Третата четвртина беше целосно израмнета, а победникот на денешниот натпревар беше решен во последните десет минути, во кои домаќините беа поприсебни и на крајот славеа победа од +5.

Најефикасен на натпреварот беше новото засилување на тимот од Црна Гора, Норис Кол со 25 поени, а кај победничкиот тим предводник беше Вилбекин со 14 поени.

Во Атина, кошаркарите на Панатинаикос ја запишаа втората евролигашка победа под водство на Рик Питино, откако славеа против Баерн Минхен со 77-67. Грците победата ја најавија уште во првата четвртина, која ја добија со 21-11, а во продолжение само рутински ја чуваа позитивата и на крајот сосема заслужено запишаа нов триумф. Најефикасен кај ПАО беше Папапетру со 18 поени, а кај Баварците ниту еден кошаркар немаше двоцифрен учинок (Копонен запиша девет поени).