• Саше Љолес
Искусниот американски плејмејкер со големо НБА искуство, Јоги Ферел, е нов играч на црногорски Будуќност. Иако деновиве сите медиуми пишуваа дека ќе го засили Партизан, сепак, се случи неочекуван пресврт и Ферел заминува во АБА-лигашот од Подгорица.
Клубот веќе го најави новото засилување и го претстави како „еден од тројцата недрафтувани играчи кои постигнале најмалку 30 поени во првите 15 НБА натпревари“, а навивачите се во транс и го поздравуваат потегот на управата.
Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ, силно го посакуваше Американецот во својот тим, но сепак Ферел реши да замине во црногорскиот ривал и потпиша договор до крајот на актуелната сезона. Кариерата ја започна во Бруклин, а потоа играше уште за Далас, Сакраменто, Кливленд, ЛА Клиперс, Панатинаикос и Цедевита Олимпија. Интересно е што Ферел веќе беше најавен на Википедија профилот како играч на Партизан, но во последен момент Будуќност успеа да го „украде“ и го привлече во својот табор.
Најуспешната НБА сезона Јоги Ферел ја имаше како член на Далас, каде бележеше просечно по 10,5 поени по натпревар, а во Европа најмногу се истакна како играч на Цедевита, кога беше најдобар стрелец во Еврокупот.