Бруклин прави „пеколно“ трио, го посакува шутерот на Вашингтон

Бруклин Нетс се заинтересирани да доведат уште еден „Ол стар“ играч, во името на Бредли Бил од Вашингтон. 26-годишникот неодамна го продолжи договорот со Визардси, но со сигурност би бил заинтересиран да заигра покрај Кајри Ирвинг и Кевин Дурант. 

Нетси немаа среќа со засилувањата, бидејќи двете мега-ѕвезди во тимот имаа проблеми со повредите. Дурант е повреден уште од крајот на минатата сезона, а Ирвинг во повеќе наврати мораше да прави паузи па немаше добри серии на одиграни мечеви. 

Бил е одличен поентер, кој би требало добро да се вклопи во играта на Бруклин за идната сезона. Тој во НБА лигата бележи 30,5 поени, со 6,1 асистенција по натпревар. Третиот пик на драфтот во 2012 година досега настапуваше само за Вашингтон во најсилната кошаркарска лига, па можеби е време за нов предизвик, во клуб со повисоки амбиции. 

Доколку Нетси успеат да го обезбедат потписот на шутерот и притоа здравјето ги послужи Ирвинг и Дурант, целите за идната сезона може да гледат кон самиот врв на лигата.