Бруклин потврди: Кајри Ирвинг нема да игра додека не се вакцинира

Екипата на Бруклин Нетс дефинитивно нема да може да смета на Кајри Ирвинг на стартот на сезоната во НБА лигата. 

Проблемот е јасен, плејмејкерот не сака да се вакцинира против вирусот ковид-19, а вакцинацијата е задолжителна според протоколите на лигата. Бројни шпекулации циркулираа низ американските медиуми, ама по сè изгледа Ирвинг и останатите невакцинирани играчи нема да добијат шанса да играат.

За оваа ситуација зборуваше директорот на Нетси, Шон Маркс. 

„Ирвинг нема да игра додека не ги исполни условите, а тие се познати. Нема ниту да тренира поради целокупната ситуација. Тој донесе одлука, а ние ја почитуваме. Сепак, тоа го ограничува да биде постојан член на екипата“, изјави Маркс. 

Дали оваа изјава значи дека Ирвинг ќе мора да ги напушти редовите на Бруклин, засега е нејасно. Сепак, во овој момент не постојат шанси тој да игра во НБА лигата, а ниту да тренира во Њујорк поради локалните рестриктивни мерки.