ВИДЕО: Бруклин без Дурант вторпат ја освои Калифорнија, паднаа и Клиперси

Кошаркарите на Бруклин Нетс продолжија во одлична форма и победија на гостувањето во „Стејплс Центар“ кај Лос Анџелес Клиперс со 112-108. Оваа екипа направи неверојатна работа кога го доведе Џејмс Харден, а тој веднаш почна да враќа со неверојатни партии. Иако периодов играат без Кевин Дурант, Кајри Ирвинг и „брадата“ одлично го водат тимот кој сега има шест победи во изминатите 11 дена. 

  • Лос Анџелес Клиперс - Бруклин Нетс: 

Натпреварот во Калифорнија започна со предност на домаќинот, но бргу Нетси се вратија и ја презедоа водечката улога. Иако Клиперси уште еднаш одговорија и поведоа, пред полувремето Бруклин поведе со седум разлика (58-51), а домаќинот се одржуваше во игра. На стартот од последниот период, Нетси поведоа со највисоките +15, Клиперси се вратија до егал, ама во трилер завршницата победата замина кај гостите. 

Џејмс Харден со „дабл-дабл“ ефект беше најдобар играч на средбата, постигна 37 поени и 11 скокови, а седум пати им асистираше на соиграчите. По него на листата беше дуото на Клиперси, Пол Џорџ со 34 поени, како и Каваи Ленард со 29, а собра и 13 скокови. Кај Бруклин се истакна уште и Ирвинг со 28 поени, а двоен ефект имаше и Деандре Џордан.

На останатите терени, Милвоки Бакс запишаа победа над Сакраменто (128-115), Денвер загуби кај Атланта (123-115), Торонто беше подобар од Филаделфија (110-103), Оклахома слави кај Кливленд (101-117), а домашни победи запишаа уште Никси над Минесота (103-99) и Орландо против Детроит (105-96).