• Горан Упале
Пред само неколку дена на натпреварот помеѓу Лос Анџелес Лејкерс и Минесота Тимбервулвс се случи нешто што досега не се случило во НБА. Таткото и синот Леброн Џејмс и Брони Џејмс настапија на ист натпревар. Иконата на НБА Леброн (39) и неговиот 20-годишен син играа заедно за тимот на Лејкерси.
За разлика од Леброн, кој во првата сезона имаше просек од 20,9 поени, 5,5 скока и 5,9 асистенции, беше дебитант на годината и ѕвезда на лигата, Брони не е таков потенцијал. Тоа беше познато уште пред неговото доаѓање во лигата, во која влезе како 55-ти пик на годинешниот драфт, а се виде и на претсезонските натпревари.
Одигра шест од нив, добиваше околу 15 минути во просек и постигнуваше по 4,2 поени по натпревар со лоши 9/37 од поле и уште полоши 1/12 за тројки. Откако испишаа историја ставајќи син на паркетот покрај неговиот татко, Лејкерси одлучија Брони да не го пополнува списокот на секој натпревар. Поконкретно, беше донесена одлука дел од сезоната да помине во Саут Беј Лејкерс, филијала на клубот кој се натпреварува во развојната Г-лига.
Тренерот на тимот Џеј Џеј Редик тврди дека тоа отсекогаш била идејата.
„Тоа беше договорено на првиот ден. Разговарав за тоа со генералниот директор Роб Пелинка. Леброн исто така зборуваше за тоа“, тврди Редик.
Брони одигра три минути во својот прв и досега единствен натпревар во НБА лигата и не се запиша меѓу стрелците.