Бредли Бил даде 60 поени ама не победи: Полудев, бесен сум!

Филаделфија 76ерс во многу ефикасен меч славеа тесна победа над Вашингтон Визардс со 141-136. На средбата во „Велс Фарго Центар“, еден играч се истакна најмногу - Бредли Бил кој уфрли дури 60 поени, но се испостави дека ниту тоа не е доволно за победа. 

Иако даде скоро па половина од поените на својот тим, Бил по натпреварот полуде и не можеше да го прослави својот најдобар НБА меч во кариерата бидејќи Визардси загубија. 

„Полудев, бесен сум. Не ја сметам оваа партија за добра, бидејќи загубивме, така што не ме интересира што направив на личен план. Можам веднаш тоа да го фрлам од прозор, бидејќи сакав победа. Некогаш можеш да дадеш 40, 50 или 60 поени, но ако не победиш не значи ништо. Бевме близу, ама не успеавме“, изјави бесниот Бил.

Бил успеа да го израмни рекордот на еден играч во франшизата на Вашингтон, бидејќи во 2006 исто 60 поени уфрли и Гилберт Аренас. Сепак, синоќа потфрлија соиграчите и најдобрата партија Бил нема да ја памети по добро.