Братот на Никола Јокиќ уапсен поради физички напад врз навивач на Лејкерс

Братот на Никола Јокиќ, Страхиња, е уапсен од властите во Денвер поради физички напад врз навивач на НБА натпреварот помеѓу Нагетс и Лос Анџелес Лејкерс, јавија американските медиуми. 

Страхиња бил приведен за напад и прекршок од трет степен, по што мораше да се појави пред окружниот суд во Денвер, заедно со неговиот адвокат. Инцидентот се случи на 22 април годинава, а навивачот поднесе тужба против братот на Јокиќ и очекува отштета поради телесните повреди кои ги добил. 

44-годишниот маж во полицијата изјавил дека добил удар во лицето и под окото, а потоа органите на редот го идентификуваа Страхиња Јокиќ преку видео-камерите во салата. Се очекува целиот случај да заврши без голема помпезност, а доколку Србинот биде прогласен за виновен, ќе мора да исплати парична казна и отштета за лицето кое ја поднело пријавата. 

Браќата на Јокиќ често знаат да влезат во вербален дуел со дел од американските фанови, а сличен инцидент предизвикаа и пред четири години, но тој случај заврши без никаква судска разрешница.