ВИДЕО: Бостон ги „среди“ Клиперси среде ЛА, Богдановиќ пак блесна во дресот на Јута

По двата реми исхода, кошаркарите на Бостон Селтикс и Лос Анџелес Клиперс конечно одиграа натпревар кој заврши во регуларниот дел, а на крај голема победа извојуваа „зелените“ од Бостон. 

Во „Стејплс центарот“ дуелот на вечерта во НБА лигата заврши со минимален триумф на Селтикси од 115-119, иако домаќините беа тие кои подобро го отворија натпреварот и во втората четвртина имаа предност од дури 16 поени разлика. Првите две четвртини минаа во знакот на Клиперси кои беа фантастични на паркетот, но кон средината на третата Бостон се врати во игра и го презеде водството, кое, иако на неколку пати го испушти, сепак на крај стигна до посакуваната победа.

Татум со 34 и Волкер со 24 поени беа најпрецизни во таборот на Селтикси, додека кај поразениот тим се истакна Ленард со 28 поени, 11 скока и 5 асистенции.

Неизвесно и драматично беше и на натпреварот во Њујорк, каде домашниот тим на Бруклин Нетс немаше сили во финишот дозволи Торонто Пепторс да впише нова победа на своето конто (117-123). 

Сиакам со 33 поени и 11 скока беше најрасположениот кошаркар на паркетот, а солидни беа и Ловри од Торонто (30) и Харис од Бруклин (19), додека Харден запиша само 17, а Дурант поради ковид-хаосот низ кој мина во последните 24 часа одигра само неколку минути и постигна само осум поени. 

Лидерот во Западната конференција, Јута Џез продолжува со одличните игри оваа сезона и ноќва ја впиша својата 18-та победа. „Џезерите“ со 121-138 беа поуспешни од Шарлот Хорнетс, а на паркетот повторно фантастичен беше Богдановиќ со 31 поен, додека кај поразениот тим се истакна Бол со 34 поени.