ВИДЕО: Босна ја шокира Русија, Хрватска падна во Холандија, лесна победа за Србија

Со денешните натпревари од првото коло, започнаа европските квалификации за пласман на Мундобаскетот во Кина 2019 година. Скоро сите репрезентации на денешните натпревари настапија со „резервните“ постави, поради недоразбирањата на релација ФИБА-УЛЕБ.

Едно од најголемите изненадувања го приредија кошаркарите на БиХ, кои на домашен терен славеа победа против Русија со  81-76. За руската селекција настапија неколку кошаркари на ЦСКА Москва, кои добија зелено светло, пред сите Витали Фридсон, но четата на Вујошевиќ на крајот славеше победа.

Изненадување направија и кошаркарите на Холандија, кои на домашен терен славеа победа против Хрватска со 68-61. За Хрватска настапи и кошаркарот на МЗТ Скопје, Доминик Мавра, но не успеа да се запише во листата на стрелците.

Србија, предводена од Радуљица и Мачван, славеше лесна победа против Австрија со 85-64, а Шпанија на гости ја совлада Црна Гора со 66-79.

Грција дури по продолжение ја совлада Велика Британија со 92-95, а до победа стигнаа и кошаркарите на Италија во дуелот со Романија со резултат 75-70.

Победи во првото коло забележаа и европскиот првак Словенија против Белорусија со 87-74, Франција на гости ја совлада Белгија со 59-70, Литванија славеше убедлива победа против Косово со 61-99, а Германија на домашен терен ја совлада Грузија со 79-70.