Бомба во најава: Еден од најдобрите играчи на Реал Мадрид оди во Барселона

Хрватскиот кошаркар Марио Хезоња се согласил да направи трансфер од Реал Мадрид во вечниот ривал Барселона, објави денеска шпанскиот весник Марка.

Како што ексклузивно дознава шпанскиот весник, Хезоња ја прифатил понудата на Барселона бидејќи финансиски е далеку подобра од онаа што ја добил од Реал. Барселона на 29-годишниот крилен играч му нуди четиригодишен договор вреден три милиони евра нето по сезона.

Хезоња на тој начин ќе застане покрај најплатените кошаркари во Европа, Шејн Ларкин, Мајк Џејмс и Кендрик Нан, кои имаат и по три милиони евра по сезона во Ефес, Монако и Панатинаикос.

Хезоња својата професионална кариера ја започна во Барселона, каде што пристигна во 2012 година кога имаше само 17 години и беше член на клубот до 2015 година. Потоа играше во НБА за Орландо, Њујорк и Портланд, а се врати во Европа, во сезоната 2021/22 кога играше за Панатинаикос.

Во претходните две сезони тој е член на Реал Мадрид со кој ја освои титулата шпански првак оваа сезона и европски првак минатата сезона.