• Горан Упале
Кошаркарите на Пелистер максимално подготвени го дочекуваат денешниот премиерен натпревар од АБА2 лигата во кој за противник ќе го имаат составот на Широки Бријег.
Дуелот кој што започнува од 18:00 часот, а ќе остане запаметен како прв во историјата што пелистерци го играат во својата Битола во рамките од регионалното натпреварување. Противникот е квалитетен, поранешен тим од АБА лигата, но избраниците на Александар Петровиќ најавуваат жестока борба за да се стигне до посакуваната победа.
„Она што прво треба да го направиме е да го оставиме зад себе оној меч со МЗТ Скопје од пред неколку дена. Ние сме многу подобар тим од она што го покажавме на тој натпревар, работевме напорно во текот на подготовките и сакаме да излеземе на терен со нашето вистинско лице, да ги покажеме квалитетите што ги поседуваме. Противникот е квалитетен, но истото се однесува со нас, а верувам дека со помош на навивачите можеме да стигнеме до посакуваниот триумф“, изјави Андрија Бојиќ, српскиот крилен центар кој беше една од ретките светли точки на дуелот со МЗТ Скопје.
Бојиќ ланската сезона ја мина во дресот на Слобода Тузла, со што имаше можност да одигра повеќе натпревари против денешниот ривал.
„Навистина, играв неколку средби со Широки ланската сезона и можам да кажам дека е тоа искусна екипа што ја краси цврста кошарка. Никогаш не е лесно да се игра со такви тимови, мора да се биде стопроцентно фокусиран од почеток до крај. Она што според мене ќе биде клучно е борбата под обрачите, офанзивниот и пред се затворањето на рекет и дефанзивниот скок. Ако успееме да издоминираме во овој аспект од играта, ќе направиме голем чекор напред за да се радуваме на крајот“, порачува Бојиќ.
Покрај Пелистер оваа сезона во АБА2 лигата од македонските екипи настапуваат МЗТ Скопје и Работнички.