Богдановиќ: Кариерата ќе ја завршам во Партизан, како што ветив!

Кошаркарот на Атланта Хоукс од НБА-лигата, Богдан Богдановиќ изјави за српските медиуми дека планира кариерата да ја заврши во белградски Партизан, а тоа го ветил на навивачите уште пред неколку години. 

30-годишниот српски ас има навистина импресивна кариера, иако досега играше само за четири клубови. Неговата кошаркарска авантура започна во Партизан, потоа се пресели во Фенербахче, а од 2017 година е во НБА-лигата. Најпрво три сезони беше дел од Сакраменто Кингс, а веќе трета година е и во Атланта Хоукс. 

Богдановиќ пред неколку дена беше во белградското училиште „20 октомври“, а таму одговараше на многу прашања што му ги поставуваа љубопитните дечиња. На прашањето „дали планира да се врати некогаш во Партизан“, кошаркарот даде искрен одговор. 

„Ова прашање е малку тешко за одговор, но јас знам дека ветив и сакам еден ден да се вратам дома. Би ја завршил кариерата во Партизан, затоа што таму и започнав. Тоа би било навистина феноменално.

Ќе се обидам да останам здрав што подолго за да можам да придонесам со своите игри. Не би сакал да се вратам и да се измачувам себеси и сите други во клубот. Доколку сум во состојба, со неизмерно задоволство ќе дојдам пак кај „црно-белите“, но тоа не зависи само од мене. Во секој случај, таа идеја многу ми се допаѓа“, изјави Богдановиќ. 

На индивидуален план, оваа сезона беше прилично солидна и успешна за Богдановиќ. Репрезентативецот на Србија забележа просек од 14 поени, 3,1 скок и 2,8 асистенции по натрпевар, со одличен процент на реализација од поле од дури 47,8%.