Богдановиќ: Цела Србија е горда на нас, се враќаме дома со кренати глави!

Репрезентацијата на Србија загуби во големото финале на Светското првенство и беше поразена од Германија, а свое видување за целиот турнир даде првата ѕвезда во тимот, Богдан Богдановиќ.

Играчот на Атланта Хокс изрази големо задоволство од учинокот на тимот, жали за пропуштената шанса за златен медал, но вели дека „орлите“ одиграле одличен турнир. 

„Замолкнавме многу критичари и таканаречени експерти. Имавме една главна цел и успеавме да ја исполниме - пласман на Олимписките игри во Париз. Бевме близу до враќање во третата четвртина, но Германија се покажа како поискусна од нас во клучните моменти. Одигравме феноменален турнир и немам што да им замерам на моите соиграчи. 

На секого му се случува да промаши, а некогаш тоа е болно зашто се работи за финален натпревар. Не треба да жалиме, само да се фокусираме на следните предизвици. Мислам дека цела Србија е горда и со кренати глави се враќаме во Белград“, рече Богдановиќ. 

Српската репрезентација го освои сребрениот медал, додека Германија за првпат во својата историја стана светски шампион во кошарка. Финалето понуди голема борба и неизвесност до самиот крај, а Германците триумфираа со конечни 83-77.