Боби Диксон по шест години го напушти Фенербахче

Турскиот кошаркарски гигант, Фенербахче ја заврши соработката со Боби Диксон, кошаркар кој дресот на „жолто-црните“ го носеше во претходните шест години.

За време на неговиот престој во Истанбул, тимот се искачи на врвот во Евролигата, а на домашно тло освои три првенствени титули. Диксон беше еден од омилените кошаркари на фановите на Фенер, а клубот со емотивно писмо му се заблагодари за досегашната соработка.

„Еден од главните архитекти на нашиот успех. Покрај неговите настапи на терен, тој даде еден од најдобрите примери во важноста на напорната работа и неотстапувањеto. Тој остави и неизбришлива трага во дресот на нашиот тим, кој секогаш го носеше со гордост. Никогаш нема да го заборавиме“, стои во соопштението.

Диксон играше и за турската репрезентација, со која настапи на Евробаскет 2015 и во квалификацискиот турнир за последното Светско првенство.