• Мартин Танасковски

Кошаркарскиот клуб Куманово започна со формирањето на ростерот за новата сезона, а првото засилување е познато име за навивачите на „сино-белите“. Клубот постигна договор со искусниот плејмејкер Бобан Стајиќ, кој по неколку сезони минати во Пелистер повторно ќе го облече дресот на кумановскиот тим.
Стајиќ ја прифати понудата на Куманово во период кога сè уште постои неизвесност околу идните амбиции и проектот на битолскиот клуб. Искусниот организатор на играта потпишa договор на две години и ќе претставува едно од главните имиња во тимот за претстојната сезона. За Стајиќ ова ќе биде враќање во средина што добро ја познава, откако претходно ги бранеше боите на Куманово во сезоната 2017/18.
Раководството на клубот е решено да состави конкурентен тим по разочарувачкиот финиш на минатата сезона. Иако Куманово стигна до финалето на Купот на Македонија, следуваше серија слаби резултати во шампионатот, поради што тимот не успеа да обезбеди место во плејофот и сезоната ја заврши во плејаут-разигрувањето.


