Блокотехна со пораз од Берое го заврши регуларниот дел во БИБЛ-лигата

Кошаркарите на Блокотехна во својот последен натпревар од регуларниот дел на БИБЛ-лигата на домашен терен се поразени од лидерот Берое со 100-104. И покрај поразот нашиот претставник сигурно завршува на второто место, а со тоа и има директен пласман во полуфиналето на регионалното натпреварување.

Гевгеличани подобро влегоа во денешниот натпревар и имаа константна предност во првиот дел, која во втората четвртина изнесуваше највисоки +10 (52-42), а на одмор заминаа со предност од 57-52.

Во продолжение играта на избраниците на Илиевски едноставно се распадна, а Бугарите тоа знаеја да го искористат. По третата четвртина гостите веќе имаа предност од 76-79, која ја одржуваа до самиот крај. Гевгеличани во последната минута стигнаа до негатива од само -1 (98-99), но немаа сили за целосен пресврт, па победата, во завршница со слободни фрлања, ја однесоа гостите (100-104).

Најефикасни во редовите на Блокотехна беа Данило Мијатовиќ и Брендон Пен со по 28 поени, а кај тимот на Берое прв стрелец беше Конер Френкамп со 23 поени.

Завесата од регуларниот дел на БИБЛ-лигата ќе ја спуштат кошаркарите на Кожув, кои утре на домашен терен ќе го пречекаат тимот на Академик.