Блокотехна со кош во последните секунди славеше голема победа против Работнички

Во рамките на 9. коло од кошаркарската Суперлига, кошаркарите на Работнички во Гевгелија во супер-завршница се поразени од Блокотехна со 90-89 (42-44). По денешната победа гевгеличани се во пол-позиција за третото место и доколку го освојат тоа место во плеј-офот ќе играат против тимот на Работнички, кој повеќе нема ниту теоретски шанси за првото место.

Почетокот на натпреварот им припадна на гостите, кои предводени од расположениот Стајиќ го полнеа домашниот кош и по првата четвртина имаа позитива од солидни 20-32. Но, во вториот квартал домаќините ги консолидираа своите редови, го задржаа тимот на Работнички на само 11 поени и до одморот спуштија на негатива од само -2 (42-44).

Третиот квартал започна изедначено, а така беше до резултат 52-54 за избраниците на Докузовски, по што гевгеличани направија серија од 8-0 и по поените на на Думиќ поведоа со највисоки +6 (60-54). Работнички на тоа возврати со иста мера и по тројката на Мираковски на минута до крајот на третата четвртина поведе со 60-62. Во последните десет минути се влезе со предност на тимот од „Градски Парк“ од 62-64.

Последниот квартал мина како и поголемиот дел од натпреварот, изедначено и со реални шанси за победа и на двата тима. Во последните две минути гевгеличани влегоа со предност од 85-84, а по поените на Михајловски се одлепија на 87-84. Гостите со три реализирани слободни на Костов израмнија на 87-87, а Пен реализира едно фрлање за предност на Блокотехна од 88-87. Работнички на пет секунди до крајот по поените на Јанески поведе со 88-89, а последниот напад за домаќините го реализираше Мијатовиќ за конечна победа од 90-89. Лидер кај Блокотехна беше Фунденбург со 31 поен, а Пен мечот го заврши со 23, додека најефикасни кај Работнички беа Караџовски и Костов со по 20 поени.

Во последното коло пред почетокот на плеј-офот, Работнички ќе игра против тимот на МЗТ Скопје, додека Блокотехна ќе го пречека тимот на Куманово.