Блокотехна се засили со поранешен центар на Партизан 

Во пресрет на завршниот викенд од Купот на Македонија, кошаркарскиот клуб на Блокотехна доведе уште едно засилување во своите редови. 

Амбициозниот клуб од Гевгелија силно посакува Куп-трофејот пред својата публика и за таа цел, раководството на клубот му ја исполни желбата на тренерот Марјан Илиевски и го договори потписот со искусниот интернационалец од Србија, Божо Џумиќ. 

27-годишниот Србин набргу треба да пристигне во Гевгелија и да одработи неколку тренинзи во пресрет на четвртфиналниот дуел на Блокотехна против Охрид. Џумиќ зад себе има големо интернационално искуство зад себе, своевремено настапуваше во АБА лигата за тимот на ФМП, додека една сезона беше дел и од српскиот гигант Партизан. Во Блокотехна пристигнува од словенечкиот тим на Хелиос.