Блокотехна се издигна од проблемите како феникс и обезбеди БИБЛ-финале!

Во првиот полуфинален натпревар од Ф4 завршницата на БИБЛ лигата во Тирана, кошаркарите на Блокотехна го надиграа тимот на Академик Пловдив со 79-74 и обезбедија пласман во утрешното финале. Тренерот на нашиот претставник имаше огромни проблеми со ростерот за денешниот натпревар, бидејќи во тимот ги немаше повредените Мијатовиќ и Главчев, па денешната победа дополнително добива на тежина.

Почетокот на дуелот беше израмнет, двете екипи се менуваа во водство, а на мала пауза со минимална предност замина Блокотехна (16-19). Во продолжение Академик со одлична игра во одбраната стигнаа и до максимални +9 (21-30). Но, во финишот на втората четвртина Блокотехна ги консолидираа своите редови и со серија на поени, на одмор замина со предност од 41-40.

Третата четвртина мина во знакот на нашиот претставник и пред решавачките десет минути Блокотехна влезе со позитива од 62-57. Во финалната четвртина и двата тима често грешеа, но избраниците на Илиевски ја чуваа стекната предност и во финишот влегоа со позитива од 75-69. Академик во финишот набрзина направи серија од 0-5 и се доближи на само -1 (75-74), на што Пен и Николиќ одговорија со четири реализирани слободни фрлања и го трасираа патот на Блокотехна кон победа.

Најзаслужен за триумфот на Блокотехна беше Младеновиќ со 22 поени, Пен додаде 18, а Глигоревиќ мечот го заврши со 17 поени. Кај поразениот Академик најефикасни беа Витковиќ и Бачев со по 16 поени.

Во финалето противник на Блокотехна ќе биде подобриот од дуелот меѓу Берое и домашната Теута.