Блокотехна му се реваншира на Гостивар во „Младост“

Екипата на Блокотехна забележа нов суперлигашки триумф и во салата „Младост“ кај Гостивар славеше убедливо (66-78), за нови посакувани бодови во рамки на кошаракрската Суперлига.

Гевгеличани се одмаздија за поразот во претходниот дуел против Гостивар, во рамки на Суперлигата, одигран во Негорски бањи. Така, го презедоа третото место на табелата, каде досега стоеја гостиварчани.

Дека Блокотехна ќе оди на полн плен, се даде до знаење по првиот квартал, кога гостинот имаше позитива од 14-25. Тешко одеше играта на тимот на Марјан Србиновски без повредениот Бојан Трајковски, а истовремено не функционираше и шутот од дистанца. На полувремето, Блокотехна водеше со осум (32-40), но по паузата, ја врати двоцифрената предност и ниту еднаш не ја испушти до финишот.

Кај Блокотехна најдобри беа Пен со 23 и Младеновиќ со 22 поени, а ги следеше Фундербург со 16 поени. Интересно и тројцата на паркетот минаа по 40 минути. Кај Гостивар, пак, Ефианаи уфрли 22 поени, а Димчевски имаше 13 поени.

Блокотехна е третопласирана на табелата со скор 19-7, додека Гостивар е четвртопласиран и има скор 18-8. Во следното коло Гостивар гостува кај Куманово, додека Блокотехна е домаќин на МЗТ Скопје.