• Мартин Танасковски

Екипата на Куманово си ја заврши задачата и со убедлива победа кај Навико Академија ФМП (75-109) тимот обезбеди опстанок во прволигашкото друштво во Македонија.
Уште од почетокот на средбата избраниците на Мирковски најавија дека само победата им е во мислите. Со 38 постигнати поени и пеколен прв квартал (25-38), гостите од Куманово си го трасираа патот до посакуваниот резултат. Високиот триумф се запечати во последниот период, што, практично, е и награда за тренерот Владимир Мирковски за новиот договор.
Искусниот Ненад Зивчевиќ имаше блесок и мечот го заврши со 33 поени, пет асистенции и три скока, пред Јузбашиќ кој имаше „дабл-дабл“ од 30 поени и 13 скока, додека кај Академија ФМП одлична партија имаше Тодоровски со 27 постигнати поени.
За Куманово ова беше единаесетта победа во Првата лига, додека Навико Академија ФМП го доживеа 14-тиот пораз.