Блескаво издание на Димитријевиќ во новата Еврокуп-победа на Арис!

Грчкиот Арис продолжи со победничкиот старт во Еврокупот, откако на домашен терен го совлада Сан Пабло Бургос со 93-80 во натпреварот од второто коло. Во центарот на вниманието беше и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, кој повторно имаше значајна улога во играта на грчкиот тим и забележа 21 поен, шест асистенции и два скока. 

Димитријевиќ беше во стартната петорка на Арис и уште од почетокот покажа дека ќе биде еден од главните организатори на играта. Македонецот го отвори својот поентерски учинок со погодок за 4-5, а подоцна реализираше и тројка, како и неколку слободни фрлања во периодот кога Арис почна да ја зголемува предноста.

Тимот од Солун одигра одлично прво полувреме и во еден момент стигна до убедлива предност од 61-38. Арис имаше контрола над натпреварот, а одличната атмосфера во салата „Никос Галис“ дополнително му даде енергија на домашниот состав.

Арис претходно во првото коло славеше и на гостувањето кај Ле Ман со 87-74, па со победата над Бургос го потврди одличниот старт во групата А.

За Димитријевиќ, пак, секој ваков настап е важен во сезоната во која треба да биде еден од носителите на играта на Арис и повторно да го покаже квалитетот со кој стекна значајно европско искуство.