Бледо издание на Еуро Никел, Охрид го запиша третиот сезонски триумф

Кошаркарите на Охрид приредија големо изненадување во рамките на 18. коло од Првата македонска кошаркарска лига и славеа важна победа против фаворитот Еуро Никел 2005 со 77-71. За домашниот тим ова беше само трет сезонски триумф, со кој сигурно ќе се подобри атмосферата и мотивацијата за следните натпревари. Кавадарчани не успеаја да го искористат поразот на Пелистер од ТФТ и останаа во групата тимови од третото до шестото место.

  • Комплетниот натпревар помеѓу ГКК Охрид и Еуро Никел 2005: 

Двата тима добија во своја полза по една четвртина од првото полувреме, а особено ефикасни беа вторите десет минути, 25-27. На паузата меѓу двете полувремиња резултатот беше изендачен, 39-39. 

Второто полувреме започна со подобра игра на домашниот тим. Охриѓани имаа и „плус седум“, но до крајот на третата делница кавадарчани се вратија во игра и најавија неизвесна завршница. Последните десет минути одново започнаа во знакон на охриѓани. Еуро Никел 2005 делуваше помалку неорганизирано во одбраната, а домаќините поведоа со 65-58 на нешто помалку од седум минути до крајот. Во клучните моменти се играше динамично на двете страни, но Охрид беше тимот кој покажа знаци на поголема концентрација и на крајот сосема заслужено победи со конечен резултат 77-71.

Најефикасен во победничкиот тим беше Лазар Димовски со 17 поени и седум скокови, додека кај Еуро Никел прво име беше Џексон Дубински со 19 поени, а еден помалку додаде Смит-Меквен.