Билан со 30 поени и „дабл-дабл“ ја предводеше Хрватска до триумф со Турција

Кошаркарите на Хрватска се радуваа на победа од 62-79 против Турција во Истанбул во рамките на третото квалификациско коло пред Евробаскетот. „Коцкестите“ се лидер на табелата и само чудо може да ги спречи да не играат на нов континентален собир, а вечерва целосно ја надиграа Турција во Истанбул. 

Со фуриозен старт Хрватска бргу се одлепи, а по првата четвртина имаше високи +17. Предноста дополнително порасна до паузата, кога хрватскиот тим имаше позитива од 45-24. Во продолжението Турција се обиде да парира, намали дел од негативата, ама немаше сили за повеќе. Иако во неколку наврати стигна до едноцифрен заостанок, Хрватите издржаа и заслужено победија. 

Најдобар поединец на средбата беше Миро Билан со „дабл-дабл“ учинок, 30 поени и 12 скокови, додека беше потпомогнат од Шакиќ со 17. Махмутоглу (14) и Ларкин (12) беа најдобри во редовите на домаќинот, но недоволно за изненадување.