Без Партизан не е интересно, Ц. Звезда стана најтрофејна во Србија

Екипата на Црвена Звезда вторпат во финалната серија славеше над ФМП, овој пат во Железник (59-71) и така со две победи во двата дуела останува на тронот во српската кошарка.

Не беше интересно без најголемиот ривал Партизан, затоа што „црно-белите“ се повлекоа од домашната сцена. Да играа Партизан и Звезда во финалето, ќе имаше поголема драма, вака, поквалитетниот тим се прошета до шампионското место.

Ивановиќ беше најдобар поентер кај Црвена Звезда со 21 поен, шест скока и пет асистенции, пред Калиниќ со 12 поени, додека кај ФМП, Радоњиќ заврши со 14 поени, додека Неранџиќ и Степановиќ реализираа по 11 поени.

За Црвена Звезда ова беше седма титула во лигата на Србија и тоа седма во низа. Последен пат кога некој успеа да ги победи „црвено-белите“ беше во 2014 година кога Партизан стана шампион.

Истовремено, со оваа титула, Црвена Звезда го презеде приматот на најтрофеен тим ако се собере севкупната историја во првенствата. За белграѓани ова беше 22 трофеј во историјата во еден шампионат, додека Партизан останува на 21.