• Зоран Мишевски

Во прворазредна драма, каква што може да понуди само Евролигата, Реал Мадрид ја освои единаесеттата европска титула, откако во незаборавно финале во Каунас го совлада Олимпијакос со 79-78, со поените на Серхио Љуљ на три секунди до крајот. Дотогаш невидливиот Љул, првите и единствени поени на средбата ги постигна кога најмногу требаше. Ова е своевиден реванш на „кралевите“ за поразот во Лондон во 2013 година и прва титула на новиот тренер Чус Матео.
По израмнетиот почеток, Грците први повлекоа нога и со серија на тројки на Кањан и Папаниколау дојдоа до +12. На Таварес не му одеше најдобро, па поените од клупата на Руди Фернандез и Марио Хезоња донесоа намалување на 24-17 на крајот од првата четвртина.
Искусните шпански ветерани и Хезоња и Таварес го вратија Реал и во 14. минута првакот на Шпанија веќе имаше предност (29-31). Се менуваа двете екипи во водството, па на одмор се замина со 45-45.
Третиот квартал беше преполн со грешки од двете страни. Олимпијакос побегна на +5, но Чачо Родригез и Вилијам Гос израмнија на 59-59 во 28. минута. Следеа поени на Шекил Мекисик и Коста Слукас и Грците со +4 влегоа во последната четвртина.
Грците подобро го отворија последниот дел од натпреварот и по тројката на Везенков за +7, Чус Матео повика минута одмор. Козер со две тројки и Чачо Родригез ги одржаа „кралевите“ во игра. Олимпијакос промаши неколку напади на +4 и Чачо Родригез со тројка намачи на 78-77. Мустафа Фол не го реализира последниот напад на Олимпијакос и Реал доби последен напад за победа. Со неверојатен шут преку човек Серхио Љуљ погоди за водство од 78-79 на три секунди крајот. Слукас не погоди во последниот напад и по единаесетти пат Реал Мадрид е шампион на Европа.
Валтер Таварес и Серхио Родригез со по 15 поени беа најефикасни поединци кај Реал Мадрид, а Козер постигна 11 поени. Кај Олимпијакос најефикасни беа Везенков со 29 и Кањан со 21 поен.




