Беше „суперстар“ на НБА, а сега повеќе од една година е бeз клуб: „Не се откажувам!“

Приказната на плејмејкерот Џон Вол во НБА лигата е вистински пример дека животот е полн со подеми и падови. Овој кошаркар во 2010 година беше избран како прв пик на драфтот од страна на Вашингтон, а Визардси апсолутно не погрешија, бидејќи во Вол добија нов - „суперстар“!

Во Вашингтон се задржа од 2010 до 2020 година, во тој период пет пати беше дел од „Ол-стар“ тимот во НБА лигата, доби признание за „руки“ на годината, победи на натпреварот за забивање... Едноставно, Вол беше прва и најголема ѕвезда на Вашингтон, водејќи го тимот низ сезоните. Досега има 647 НБА натпревари на кои во просек играше по 34,9 минути и бележеше по 18,7 поени. 

Во 2017 година Џон Вол потпиша четиригодишен богат договор за 170 милиони долари со Визардси, но тогаш почнаа проблемите со повредите. Во следните три години тој се мачеше да фати континуитет, во сезоната 2017/18 одигра 41 натпревар, а во следната само 32 и, иако имаше пак солидни бројки, евидентни беа проблемите. Освен на физички план, Вол се мачеше и со менталното здравје. Не ги поднесе добро повредите и тоа доведе до заминување од Вашингтон. 

Следеше авантура во Хјустон Рокетс, па во сезоната 2020/21 одигра само 40 натпревари. Иако повторно со солиден просек, Џон Вол не беше истиот, ја скокна целата следна сезона и последен пат играше во 2022/23 за Лос Анџелес Клиперси, вкупно во 34 наврати. Од февруари 2023 година Вол е без клуб, а според неговите зборови - не се откажал од НБА кариерата.

„Што се однесува до мене, не се откажувам и не ги кријам соништата да се вратам во НБА лигата. Знам дека минав низ многу работи, многу повреди... Фокусиран сум и работам да бидам на радарот на тимовите. Не ме интересира улогата, би прифатил сè.

Ако некој тим сака да бидам ветеран и да ги учи младите плејмејкери, подготвен сум да го направам и тоа“, прокоментира Вол.

Минатата сезона се споменуваше дека Џон Вол би можел да се пресели во Европа и да заигра во Евролигата. Имаше дури и богати понуди, меѓутоа тој реши да остане во Соединетите Американски Држави. Во моментов Вол има 33 години, пред него се уште неколку сезони ако успее да најде тим, меѓутоа далеку од тоа дека ќе биде истиот од пред десет години...