• Саше Љолес

Поранешниот прв пик на НБА драфтот, Џон Вол, се наоѓа во големи проблеми и никако не може да се наметне во ниту една франшиза која би сакала да му понуди договор.
Вол беше суперѕвезда на Вашингтон Визардс и дури петпати го предводеше тимот во плеј-офот, но потоа започнаа проблемите со повредите и менталната подготовка, поради кои никогаш не успеа да ја врати врвната форма.
„Немам намера да се предадам и не се откажувам од сонот да се вратам во НБА лигата. Знам дека можев да бидам многу подобар, но повредите си го сторија своето.
Фокусиран сум на напорна работа и очекувам да се најдам на „радарот“ на некоја од франшизите. Не ме интересира улогата во тимот, би прифатил било каква понуда од НБА“, изјави Вол за американските медиуми.
Севкупните бројки на Вол велат дека тој има просек од 18,7 поени, 8,9 асистенции и 1,6 украдени топки по натпревар. Убедливо најдобар учинок имаше во сезоната 2016/17, кога во дресот на Вашингтон просечно бележеше по 23,7 поени, 10,6 асистенции и 4,8 скокови.