• Саше Љолес

Mакедонската репрезентација на најдобар можен начин ја започна втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2029 година. Убедливата победа над Австрија со 91-59 во Виена донесе задоволство во македонскиот табор, а селекторот Жозеп Марија Берокал посебно го истакна карактерот и тимската игра на своите избраници.
„Секогаш е добро кога едно натпреварување ќе се започне со победа. Овој ФИБА-прозорец беше сосема поинаков од претходните - среде лето, некои играчи можеби сè уште не се во посакуваната натпреварувачка форма, а имавме и многу кратки подготовки.
Имаше доста прашалници пред натпреварот околу тоа како ќе изгледаме на теренот, но покажавме дека знаеме и можеме да играме. Извлековме одличен резултат, момците покажаа карактер и ова е само успешен прв чекор“, рече Берокал.
Шпанскиот стратег како еден од најважните сегменти во убедливата победа ја посочи играта во одбраната.
„Тимскиот дух најдобро се виде токму во одбраната. Го задржавме противникот на само 59 поени, што е одличен дефанзивен учинок против шутерска екипа. Ги добивме сите четвртини, а кога ја движиме топката во нападот, играме навистина квалитетно.
Не е пресудно дали некој ќе погоди или ќе промаши отворен шут. Најважен е начинот на кој играме и како ја градиме нашата игра“, потенцираше селекторот на Македонија.
Берокал се осврна и на учинокот на Мозес Рајт, кој имаше значајна улога во убедливиот триумф во Виена.
„Тој дефинитивно треба да биде нашиот главен стожер и референца под кошевите. Играчите од негов калибар се тука за да прават разлика на паркетот, а тоа денес беше повеќе од очигледно. Се надевам дека и во следните предизвици ќе можеме да сметаме на целиот состав“, заклучи селекторот.
Македонија со убедливиот триумф над Австрија направи одличен прв чекор во втората рунда од претквалификациите, а следните натпревари ќе бидат нова можност избраниците на Берокал да го потврдат квалитетот и карактерот прикажани во Виена.

