Берое пресилен за Кожув на стартот на БИБЛ лигата

Единствениот македонски претставник во БИБЛ лигата, гевгелиски Кожув на стартот на новата сезона очекувано загуби на гостувањето во Берое со 69-62. Иако долго го ловеше домашното водство и стигна до 54-53 на стартот од последниот период, Кожув немаше сили за пресврт.

„Зелените“ со подолгата клупа го приведоа натпреварот кон крај и славеа победа со седум поени разлика. Најефикасен во гевгелискиот тим беше Александар Радуловиќ со 19 поени, а го следеше Александар Штерјов со девет поени. Двајцата беа најефикасни и во поразот кај Работнички во третото коло од домашниот шампионат во саботата. 

Американецот Конер Франкамп со 26 постигнати поени беше најефикасен во тимот на Берое, кој и сезонава важи за еден од фаворитите за освојување на БИБЛ лигата.