Белград пак го собира најдоброто, го добива Ф4 во Евролигата

Најдобрите четири екипи од Европа ќе се сретнат во Белград. Српскиот медиум „Моцарт Спорт“ ексклузивно објави дека Ф4-турнирот во Евролигата ќе се одржи во српската престолнина.

Белград и „Штарк Арена“ ќе ги угостат четирите најдобри екипи во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување, нешто што претходно се случи во 2018 година кога шампион стана Реал Мадрид

Заменик градоначалникот Горан Весиќ пред неколку недели најави дека Белград ќе се кандидира за организација на завршниот турнир во Евролигата, а се веруваше дека тоа ќе биде следната година, бидејќи овогодинешниот турнир му беше доделен на Берлин. Весиќ минатата недела преговарал со Евролигата и му понудил на Белград да го замени Берлин, бидејќи поради епидемиолошките мерки во германската престолнина немало да биде можно присуство на публика. 

Од друга страна, Белград им даде гаранции на челниците на Евролигата дека навивачите ќе можат да присуствуваат на турнирот во „Штарк Арена“, но само со валидна потврда за вакцинација. Тоа беше доволно челниците на Евролигата практично да ја донесат одлуката завршниот турнир од Евролигата да се пресели во главниот град на Србија. Останаа само детали за да се официјализира рокадата на домаќинство.