Басконија му одржа лекција на Баерн, Макаби пресилен за Виртус Болоња

Екипата на Басконија оствари огромна победа над Баерн Минхен (112-89) во натпреварот од триесеттото коло во Евролигата. Шпанскиот состав одигра одлично во последните две четвртини и на крајот сосема заслужено ги освои бодовите. 

На паузата Басконија водеше со 50-48, но одигра многу подобро во третата делница (33-23) и најави дека има намера да го задржи целиот плен кај себе. Последните десет минути донесоа нова експлозија на домашните кошаркари, кои на крајот заокружија исклучително висока победа пред своите навивачи. 

Најефикасен во победничкиот состав беше Маркус Хауард со 27 поени, а на спротивната страна 15 поени постигна Шабаз Нејпиер. 

Екипата на Макаби немаше големи проблеми во дуелот со Виртус Болоња и славеше триумф со конечен резултат 77-67. 

Италијанците подобро го отворија мечот, но потоа Макаби заигра во силен ритам и успеа да го сврти текот на настаните. На полувремето Израелците водеа со 42-33, продолжувајќи во сличен стил и во третата четвртина. 

На стартот од последниот период „израелската гордост“ имаше предност од 16 поени, Виртус малку успеа да го ублажи ударот, но немаше сили за евентуален кам-бек во мечот. Јакубаитис постигна 19 поени во десеттиот сезонски триумф за Макаби, додека во другиот табор прво име беше Полонара, кој запиша 15 поени. 

Реал Мадрид ја запиша втората победа во низа и славеше со сигурни 81-70 над Асвел од Вилербан. Најдобар поединец кај „кралевите“ беше Еди Таварес со 23 поени, а најефикасен на мечот беше Тео Маледон од Асвел, кој впиша два поена повеќе.