Баскет Кам вторпат подобар од Вардар, Куманово по драма слави со Бадел 1862

Екипата на Баскет кам 2011 се врати на првото место на табелата откако го доби дерби дуелот на 12. коло против Вардар и тоа со убедливи 77-58, за ефект од десет победи и два порази, но и подобра кош-разлика во однос на најголемиот конкурент за првата стартна позиција во доигрувањето за титулата.

По релативно изедначеното прво полувреме во кое сепак екипата од Македонска Каменица имше предност од 33-22, дилемите околу конечниот победник на дербито ги снема во третиот период. Оној во кој актуелниот шампион дојде до уште повисоки и недостижни 60-36.

Ивана Кметовска беше прво поентерско име во победничката екипа. Репрезентативното крило реализираше 25 поени. Ја следеше Димова, која постигна 18, Максимовска даде 13, а капитенот Поп-Димитровска уште девет. Кај Вардар, Димитријевиќ уфрли 18 поени, Матие имаше 10, еден помалку постигна Деловска, додека Зафировска ја заврши средбата со осум постигнати поени.

Многу повозбудлив беше дуелот во Куманово, каде домашната екипа по голема борба го совлада Бадел 1862 со (75-71). Феноменална игра прикажа најискусната во домашната екипа, Алексиќ, која реализираше повеќе од половина од поените на Куманово-Гризли, вкупно 40. А одлична поентерска логистика доби во Американката Џонсон која ја „испрати“ со 21 поен. На другата страна, Митрева реализираше 19 поени, Техеда даде 18, а Томпсон уште 15 поени. 

Прва лига (ж)
11. коло:

Баскет Кам 2011 – Вардар        77-58
Куманово–Гризли - Бадел 1862          75-71
Пробаскет – МЗТ Скопје Аеродром  77-73
Струга 2009 – Крива Паланка  38-71