Баскет Кам пресилен за МЗТ Скопје, тешка победа на ЖКК Вардар против Крива Паланка

Дуелот во Македонска Каменица, помеѓу екипите на Баскет Кам 2011 и МЗТ Скопје Аеродром беше оквалификуван како дерби на последното, 14. коло од првата фаза на женскиот кошаркарски шампионат на Македонија.

Но случувањата на теренот во салата „Кирил и Методиј“ не го потврдија тоа. Постоеше само една екипа – домашната, која на крајот дојде и до повеќе од убедлива победа од 102-58, за потврда на првото место пред следниот круг од натпреварите во групата А.

Во преден план беа остварувањата на Ивана Кметовска и Цветанка Димовска. Репрезентативното крило реализираше двоен ефект од 25 поени, 15 скока, имаше и три асистенции, додека нешто слични бројки имаше и Димова, која заврши со 27 поени и 10 скока, и исто така, три успешни додавања. Во домашната екипа, Адамоска даде 13 поени (и девет асистенции), исто толку и капитенот Поп- Димитровска, додека Николов беше стрелец на 12 поени.

Многу понеизвесен меч се играше во СРЦ „Кале“ каде актери беа екипите на ЖКК Вардар и на Крива Паланка. По голема борба, буквално до последните секунди, победата ја однесоа „вардарки“ (84:82). Една од најмладите во ростерот на „црвено-црните“, Ања Начевска, беше и најефикасниот играч, реализираше 24 поени, добар дел од нив во второто полувреме.

Прва А лига (ж)
14. коло:

Баскет кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром   102-58
Пробаскет – Бадел 1862 71-103
ЖКК Вардар – Крива Паланка           84-82
14 февруари:
18.00: Струга 2009 – Куманово-Гризли

Прва Б лига
11.. коло:

Јан Бор – Шкупи   42-79
Гостивар – Риниа  68-30
Охрид – Спорт тим           68-29
Тим Арена - Пониква 2022       85-38
Слободен: Патриот 2016