• Зоран Мишевски
Кошаркарките на Баскет кам 2011 направија уште еден исчекор во одбраната на шампионската титула. Синоќа во првиот натревар од полуфиналето на плеј-офот, во доминантна игра, изразена со постојано водство во текот на сите 40 минути, ја совладаа екипата на Крива Паланка, со сигурни 83-67, за водство од 1-0 во серијата.
До првата победа, девојките од Македонска Каменица дојдоа откако имаа подобар почеток, во кој создадоа водство од 24-15, кое до големиот одмор го зголемија на 48-33. Најизедначено се играше во третата четвртина, која ја добија гостинките со 21-18. Но не успеаја да направат нешто повеќе од тоа, односно натпреварот да се претвори во неизвесен.
До првиот поен во полуфиналето, бранителот на титулата го предводеа Зубац, која реализираше 26 поени, следена од Кметовска која постигна 24, односно Димова, која оваа средба ја заврши со 19 поени.
На другата страна од теренот, четири кошаркарки завршија со двоцифрен број на поени. Американската Мек Кала запиша 21 поен, Мазук постигна 16, Ховкинс 13, а Алексовска уште 10 поени.
Вториот натпревар од серијата се игра во Крива Паланка, а серијата завршува штом една екипа ќе запише две победи.