Барселона врза пет победи во Евролигата, Шортс и Париз славенички се враќаат од Берлин

Кошаркарите на Барселона ја забележаа петтата последователна победа во Евролигата. По почетниот пораз, тимот од Каталонија беше подобар од Алба Берлин, Монако, Црвена Звезда, Асвел и вечерва во Истанбул против Анадолу Ефес со резултат 97-88.

Со овој триумф Барселона ќе преноќи сама на првата позиција, а дали така ќе биде и во среда навечер зависи од Жалгирис кој ја пречекува Црвена Звезда.

Кај каталонскиот гигант овогодинешното засилување од НБА, Чимез Мет беше најефикасен со 21 поен, Кевин Пантер повторно беше одличен со 20 поени, а Џабари Паркер додаде 13. Во поразениот тим, кој има скор од 3-3, Дариус Томпсон имаше 16, Џордан Нвора 14, а Илија Брајант 12 поени.

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс и неговиот Париз запишаа уште една голема победа во европската елита, откако на гостувањето кај Алба Берлин славеа со сигурни 83-90. За парискиот тим ова беше втора победа во низа, а вкупно трета, додека Алба го впиша петтиот пораз. 

Плејмејкерот од Соединетите Американскки Држави, кој го носи македонскиот дрес, натпреварот во Берлин го заврши со 11 поени и девет асистенции, додека најпрецизен за Париз беше Нифи со 25 поени. За домашниот тим најрасположен беше Тим Шнајдер со 18 поени.

Кошаркарите на Фенербахче одиграа уште еден драматичен натпревар, но овој пат  среќата беше на нивна страна. Пред својата публика турскиот гигант го совлада Макаби Тел Авив со 84-82 и со тоа им се врати не победите во Евролигата, по поразот од ПАО во претходното коло.

Најџел Хејс со 20 и Хол со 16 поени беа предводници на Фенер во овој триумф, додека за Макаби се истакна Хоард со 20 поени.