• Саше Љолес

Екипата на Барселона оствари важен триумф во Евролигата и го надигра актуелниот шампион, Панатинаикос (82-73) во натпреварот кој се играше во рамките на 21. коло.
Шпанскиот гигант беше во негатива по првото полувреме и делуваше дека нема сили да му се спротивстави на ПАО, но потоа заигра многу подобро и во следните два периода ја донесе радоста кај своите навивачи. „Детелинките“ од Атина на паузата водеа со 30-38, но во третата четвртина Каталонците „експлодираа“ и ја заверија со резултат 29-11.
Последните десет минути минаа во егал-ситуација, па така Барселона успеа да ја задржи предноста до самиот крај. Тимот на Жоан Пењароја стигнаа до дванаесеттиот сезонски триумф, додека Панатинаикос има една победа повеќе и ја зазема четвртата позиција на табелата. Џабари Паркер постигна 25 поени во победничкиот тим, а на спротивната страна најдобар поединец беше Џериан Грант со осум поени помалку.
Жалгирис одигра солиден натпревар против Виртус Болоња и славеше со 77-68, Фенербахче ја надигра Црвена Звезда во белградската „Штарк Арена“ со 91-96, а Баерн Минхен се избори за мининмална победа над Монако со 95-94.
Веќе утре и в петок се играат натпреварите од 22. коло на Евролигата.