Барселона со брејк во Валенсија поведе во шпанското финале!

Кошаркарите на Барселона со брејк ја отворија финалната серија во шпанската АЦБ лига, откако по драматичен натпревар и продолжение ја совладаа Валенсија на гостински терен со 112-113.

Барселона одлично го отвори мечот и долго време ја контролираше играта, но домаќинот направи пресврт во третата четвртина и во финишот беше блиску до триумф. Сепак, тројката на Клајбурн ја одведе средбата во дополнителни пет минути, каде што гостите беа посмирени во клучните моменти.

Херој на каталонскиот тим беше Вил Клајбурн кој натпреварот го заврши како најефикасен со 21 поен. Николас Лапровитола додаде 20 поени, додека Џоел Пара реализира 18. Кај Валенсија најдобар беше Жоан Монтеро со 24 поени и седум асистенции, но неговата одлична партија не беше доволна за победа.

Со оваа победа Барселона поведе со 1-0 во серијата која се игра до три победи и направи важен чекор кон шампионската титула.