Барселона со 36 разлика ја посрамоти Алба среде Берлин

Шпанскиот кошаркарски гигант Барселона продолжува со одличните партии и резултати во новата сезона на Евролигата. Каталонците уште еднаш потврдија дека се во одлична форма и вечерва ја продолжија победничката серија и го запишаа шестиот триумф во низа во европската елита.

Нова жртва на Барселона беше тимот на Алба Берлин, кој како домаќин беше поразен со убедливи 36 поени разлика (67-103). Неизвесно и борбено беше само во воведните неколку минути од натпреварот, а потоа Барселона доминираше во секој сегмент и од четвртина во четвртина го зголемуваше своето водство, кое на крај застана на максимални 36 поени.

На паркетот во Берлин најпрецизен беше шпанскиот репрезентативец Миротиќ со 18 поени, еден повеќе од својот соиграч Абринес, а 17 поени постигна и домашниот кошаркар Фонтечио. 

Со оваа победа Барселона останува на лидерската позиција на табелата во Еврролигата со седум победи по осум одиграни кола, додека Алба Берлин со само еден триумф и пет порази е стациониран на 16. место.

За разлика од дуелот во Берлин, вечерва екипите на Басконија и Асвел одиграа драматичен и неизвесен дуел, кој на крај заврши со победа на гостите од Франција со 86-88.