• Саше Љолес
Доскорешниот член на германски Улм, Хуан Нуњез, официјално е новото засилување за екипата на Барселона. Каталонскиот гигант го привлече кај себе 20-годишниот Шпанец, кој потпиша повеќегодишен договор.
„Марка“ пишува дека Нуњез ќе заработува по 1,5 милион евра годишно и се очекува да добие сериозна улога во тимот, а навивачите се задоволни од потегот на управата и го поздравуваат трансферот. Младиот талент има клаузула да замине само во случај ако се работи за некоја од НБА екипите. Тој летово беше драфтуван од Индијана Пејсерс, но потоа беше испратен во Сан Антонио Спарс, каде не доби повик за настап во првиот тим.
Минатата сезона Нуњез просечно бележеше по 9,2 поени и 4,5 асистенции во германското првенство, додека во Еврокупот имаше нешто подобар учинок од 10,8 поени и 5,8 додавања за поени.
Кариерата ја започна во Реал Мадрид, но „кралскиот клуб“ реши да им верува повеќе на искусните играчи, па за младиот Нуњез немаше место во тимот. Индијана летово го одбра како 36. пик во втората рунда од драфтот.