Барселона го скрати буџетот, но ситуацијата е далеку од алармантна

Барселона оваа сезона драстично го промени ликот на екипата, но навивачите повеќе беа загрижени за финансиската ситуација на клубот. Каталонскиот гигант на сите можни начини се обидуваше да ги скрати трошоците и сите мислеа дека тимот ќе биде значително послаб, но тоа изгледа дека не е баш така. 

Од тимот заминаа тренерот Јасикевичиус и првата ѕвезда, Никола Миротиќ, но сепак Барса успеа да доведе неколку квалитетни засилувања, меѓу кои и Џабари Паркер. Нов тренер е Рожер Гримау, а тимот се подготвува за новите предизвици во првенството и во Евролигата. Клубот деновиве излезе и со официјални податоци за финансиската ситуација, од која јасно се гледа дека буџетот е намален, но ситуацијата е далеку од трагична или алармантна. 

Кога ќе речеме дека буџетот е намален за 12 милиони евра, можеби звучи страшно, но сепак, Барселона има на располагање околу 28 милиони евра за оваа сезона. Минатите години оваа сума изнесуваше над 40 милиони, но и со овие средства, тимот може да функционира без проблем и да биде конкурентен на сите фронтови. 

„Имавме мали проблеми, но мислам дека функционираме одлично. Имаше недоразбирања со агентот на Миротиќ и мене ми е криво што не го задржавме кај нас, затоа што играчот беше среќен во Барселона. Понекогаш, работите не се одвиваат како што посакувате, но ние сме Барса и повторно ќе имаме силен тим сезонава“, изјави генералниот менаџер на клубот, Жозеп Кубељас. 

Барселона е двократен европски шампион и секоја сезона има огромни амбиции во Евролигата. Годинава тимот ќе биде значително изменет, но навивачите се надеваат дека тоа нема премногу да влијае врз играта и резултатите. Клубот беше во загуба неколку сезони во низа, но и покрај кратењето на буџетот, се чини дека е на „здрави нозе“.