Барселона го пронајде наследникот на легендарниот Хуан Карлос Наваро

Кошаркарскиот клуб Барселона официјално го назначи Чеви Пужол за нов спортски директор. Тој потпиша тригодишен договор и на функцијата го наследува легендарниот Хуан Карлос Наваро, кој ќе продолжи да работи како амбасадор на клубот.

Пужол пристигнува од Басконија, а претходно се прослави во Манреса, каде што важеше за еден од најдобрите спортски директори и скаути во Шпанија. Особено е ценет по откривањето и развојот на таленти како Чима Монеке и Силвиен Франсиско.

Пред него е сериозна задача, бидејќи Барселона зад себе има сезона без освоен трофеј. Каталонците не успеаја да стигнат до плејофот во Евролигата, а во финалето на шпанското првенство беа поразени од Валенсија.

Каталонците веќе се засилија со неколку квалитетни кошаркари, најавувајќи борба за највисоките позиции во елитното натпреварување.